Платите за вработените во средното образование се веќе на нивните трансакциски сметки, додека за платите на вработените во основното образование, Министерството за финансии најавило дека наскоро ќе бидат исплатени.
Вака одговори Министерството за образование и наука, на денешните рекации од Независниот синдикат за образование и наука-НСОН за доцнење на јулската плата за просветните работници.
Претседателот на Синдикатот Томислав Гиевски на прес конференција денеска од пред зградата на МОН рече дека во образованието не се почитува Законот за работни односи, според кој 15-ти во месецот е крајниот рок да се исплати плата за претходниот месец и се сомнева дека плата ќе добијат и во понеделник на 20-ти.
Според НСОН, кој беше формиран оваа пролет, со таквото третирање се деградираат просветните работници кои, велат, би требало да се столб во општеството.
Од МОН тврдат дека ги испратиле сите документи потребни за исплата на платите до Министерството за финансии, од каде што добивме повратна информација дека сé е подготвено за реализација на платите на вработените во основните училишта. Сега останува училиштата да ги продолжат понатамошните процедури за финансиски трансфери, така што платите на вработените ќе се пренесат на нивните трансакциски сметки, наведува МОН.