Во Кривичниот суд утре во Скопје треба да продолжи судскиот процес за предметот на Специјалното јавно обвинителство „Титаник“, за изборни измами и злосторничко здружување, во кој обвинети се половина од поранешното раководство на ВМРО ДПМНЕ.
На двете рочишта што се одржаа минатата недела, како дел од доказната постапка, преслушани се 115 од вкупно предложените 1.063 „бомби“. За 7 од нив СЈО побара, а судот прифати, јавноста да биде исклучена за да се заштити приватниот живот на некои од сведоците кои се во „бомбите“.
„Титаник“: ВМРО-ДПМНЕ мобилизирала сè за победа на изборите 2011
На судското рочиште беа пуштени разговори меѓу поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и Мартин Протуѓер, шеф на Кабинетот на поранешниот премиер, Никола Груевски.
На судењето се слушнаа и разговори на Јанкулоска, Протуѓер и Јанакиески со поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, екс првиот човек на УБК, Сашо Мијалков како и неговиот брат Влатко поранешен директор на Царинската управа на Македонија.
Пред присутните во судницата беа презентирани и аудио снимки кои откриваат како се мобилизирале вработените во Царината, како и снимки меѓу поранешни фунционери во кои тие разговараат за гласачите од дијаспората и колку се официјално пријавени во ДИК, како и за потенцијалните кандидати на изборите кои би можеле и би имале најдобри шанси да бидат на листата во изборните единции.
Одбраната на обвинетите инсистираше да престанат да се слушаат „бомбите“ затоа што, како што рече адвокатот Петар Василев во нив нема никакви докази за кои се товарат обвинетите.
Судот ги одби сите барања на одбраната а судечкиот судија Осман Шабани рече дека по преслушувањето на „бомбите“ судот соодветно ќе ги цени како докази.
Во предметот првообвинет е експремиерот Никола Груевски, а заедно со него обвинети се ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, актуелниот пратеник Илија Димовски и шефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Билјана Бришкоска-Бошковски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
СЈО ги товари за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во неколку изборни циклуси.
Освен „бомбите“, СЈО предложи 5.910 писмени докази и 191 сведок.