Активистите од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ најавија дека од денеска ќе почнат со жив ѕид да го бранат Водно.
Тие покануваат сите доброволци да се пријават преку нивната Фејсбук страница.
-Во држава каде прекршоци се нормална работа и се спроведуваат вакви проекти полни со нерегуларности, останува на нас да браниме со живи тела. Стоп за непромислени и лоши проекти! Се гледаме пред багери!, се вели во постот на нивната ФБ страница.
На прес конференцијата минатата недела тие повторно побараа алтернативна траса за изградба на гасоводот низ Водно, да се изработи нова студија за влијание на животна средина и најавија дека ќе ја оспорат дозволата за изградба што треба да биде издадена.
Ставот на Владата дека се направени измени на проектната документација за скратување и стеснување на трасата, според активистите се само „шминка“.