Ален Ле Руа добро го познава Балканот. Во 1995 година беше Специјален координатор на Обединетите Нации (ОН) во Сараево. Нешто подоцна, од 1999 година до 2000 година, ОН го испратија на Косово во екот на тамошната воена криза.
Една година подоцна тој доаѓа во Македонија како Специјален претставник на ЕУ. Од октомври 2001 година до ноември 2о02 година, во екот на безбедносната криза во Македонија, тој работи, во име на ЕУ, на примената на Охридскиот договор.
По повеќе високи дипломатски и амбасадорски функции за Франција и за ОН, Ле Руа и беше заменик на високата претставничка за надворешна политика Федерика Могерини. Функцијата ја напушта од “семејни причини”.
Во текот на неговиот ангажман во ОН, Ле Руа беше соочен со решавање на повеќе кризи како војната во Конго, земјотресот на Хаити или конфликтот во Судан. За него велат дека е совршен дипломат, отворен, приемчив и прагматичен. Поранешниот генерален секретар на ОН Бан Ки-мун за него има изјавено дека е дипломат со “визија, храброст и лична посветеност”.
Деновиве престојуваше во Македонија како висок француски дипломат а со него стаса и денешната силна порака на францускиот претседател Емануел Макрон до граѓаните на Македонија пред референдумот.
Се сретнавте со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера во Скопје. Која беше вашата порака до него и што слушнавте од него?
– Прво го потврди она што јавно го зборува, а тоа е дека е против Договорот со Грција, дека процедурата и текстот на Договорот не му се допаѓаат доволно. Рече дека нема да повика на бојкот, дека не повикува да се гласа против и дека остава на совеста на секој еден да одлучи како ќе гласа. Потсети дека ако има цензус тој ќе смета дека народот се изјаснил во корист на Договорот и дека тој ќе го следи тој став. Но, ние Европјаните и ние во Франција, би сакале тој да направи чекор повеќе. Ја слушнавте пораката на претседателот Макрон кој вели дека овој Договор е историски и дека е многу важно Македонија да го изгласа на референдум и потоа во Собранието. Тој ги охрабрува Македонците да излезат да гласаат.
Оние што го преземаат ризикот Договорот да не успее, ќе имаат, во очите на Европјаните, историска одговорност. Претседателот Макрон рече дека ова е историска можност и се надеваме дека на срцето на најголемиот број Македонци стои желбата тој Договор да успее. Ако не успее, тогаш и одговорноста ќе биде историска. Со тоа Македонија ќе задоцни на патот кон НАТО и ЕУ.
Дали господинот Мицкоски и делот на ВМРО-ДПМНЕ што го дели неговиот став, се свесни за оваа одговорност за која зборувате?
– Нивната визија на Договорот е да порачаат дека тие не го преговарале овој текст и дека тоа е лош Договор па оттука веројатно сметаат дека одговорноста не е нивна.
Но, она што ние Европјаните го гледаме е дека има референдум, дека сите шефови на влади рекоа дека се за Договорот, многу добро знаат дека овој текст не е совршен и дека станува збор за компромис. Треба да се знае дека според анализата на Европјаните, можноста за нов разумен договор е практично непостоечка. Оттука, ако сакаме да се доближиме до ЕУ и НАТО, овој Договор треба да биде изгласан.
ВМРО-ДПМНЕ повторува дека ќе постигнат подобар договор ако дојдат на власт. Значи вие не верувате во таа можност?
– Поминаа 27 години во кои имаше обиди. Сега за прв пат има договор. Грција и премиерот Ципрас го одржаа својот збор со тоа што и сами видовте дека на самитот на НАТО беше испратена порака, се разбира доколку Договорот помине во двата Парламенти. Идната година ќе има избори во Грција а од она што го слушам, немам впечаток дека другите политички партии во Грција се обврзуваат на подобар договор. Така што, навистина, за нас од ЕУ, можноста за подобар договор во некој разумен рок е речиси непостоечка.
Договорот сигурно го прочитавте и знаете дека многу Македонци забележуваат дека со него се губи идентитетот, јазикот… Какво е вашето мислење за овој текст?
– Ние, напротив, мислиме дека македонскиот идентитет е сочуван, дека македонскиот јазик е сочуван и тоа го пишува во Договорот, потпишан од Грција. Да, во Договорот има многу детали. Но, повторно морам да кажам, тоа е компромис.
Договорот помеѓу Франција и Германија со Елизејскиот договор е исто така компромис во времето кога беше потпишан. Договорот го потпишаат Де Гол и Аденауер. Во тоа време Де Гол беше многу остро критикуван во Франција. Денес, сите признаваат дека овој Договор беше исклучително голем и важен за иднината на односите на Франција и Германија и за ЕУ. За текстот на еден компромис едната страна може да каже дека го отрфла. Но, со тоа презема голема историска одговорност.
Де Гол ја презеде историската одговорност на прифати текст кој не беше совршен бидејќи тој гледаше во иднината на својата земја и иднината на идните генерации.
Според вас, што губи или добива Македонија со овој Договор?
– Едноставно добива. Прво со тоа што го решава прашањето со Грција кое се влече веќе 27 години. Потоа, поканата за НАТО е испратена. И доближувањето до ЕУ за кое точниот датум уште не е утврден но перспективата со овој Договор станува јасна.
Дали Франција и претседателот Макрон конечно во јуни идната година ќе и дозволат на Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ.
– Претседателот Макрон беше многу јасен во тој поглед. Во Софија тој се сретна со премиерот Заев и му кажа дека Франција го почитува тоа што го кажа пред 25 години – дека европската перспектива на Западниот Балкан и Македонија е тука. Се чека априлскиот извештај на Европската комисија за самитот во јуни 2019 година. Во тој извештај ќе бидат разгледани реформите што Македонија ги прави и што мора да продолжи да ги прави и тогаш самитот на ЕУ во јуни ќе одлучи. Ако тој извештај е позитивен, Франција ќе го даде својот став. Но перспективата на Македонија е тука како што тоа го рече и претседателот Макрон во својот говор на Сорбона пред една година.
Во моментов позицијата на Франција за проширувањето е дека ЕУ треба да продолжи да се реформира а за земјите кандидати како Македонија, се потребни некои реформи, пред се судството, борбата против корупцијата, за да се биде сигурен дека ставот на Комисијата позитивен во овие области и да му дозволи на Советот на ЕУ да додели преговори.