Судијата за извршување на санкции ќе издаде наредба за распишување на меѓународна потерница кога надлежните органи ќе ја потврдат автентичноста на информацијата дека Груевски е во Будимпешта рече претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев.
„ Во оној момент кога надлежните органи ќе утврдат дека обвинетиот не се наоѓа во земјата, или ја потврдат автентичноста на информацијата дека истиот се наоѓа во Будимпешта, и за тоа го извести судијата за извршување санкции, судијата веднаш ќе издаде наредба за распишување на меѓународна потерница, посочи Џолев.
Џолев кажа дека судот самоиницијативно не може да определи мерка притвор и тоа е секогаш по барање на Обвинителството.
„Во случајот „Тенк“ од самиот почеток на подигање на обвинението до соопштување на одлуката од страна на Обвинителството во ниеден момент не е побарана мерка притвор за обвинетиот Никола Груевски“ кажа Џолев.
На Груевски му се губи секаква трага од четвртокот вечерта. Тој последен пат се појави во јавноста во средата на седницата за уставни прашања во Собранието.
На Никола Груевски му беа одземени двата пасоши и требаше да се јавува еднаш месечно во судот, како мерка која му беше определена за предметот „Титаник“.