Собраниската Комисија за уставни прашања денеска нема да ја започне дебатата за предлог-амандманите на Уставот. Комисијата, како и собраниската седница, со други точки на дневен ред, што беа закажани за денеска се одложени за утре поради тоа што голем дел од пратениците ќе бидат отсутни заради комеморативната седница и погребот на градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, кој ненадејно почина на 48-годишна возраст во саботата.
Ова е трета и последна фаза од постапката за промена на Уставот, согласно Договорот од Преспа. Уставната комисија треба да ги разгледува четирите предлог-амандмани, и Извештајот на Владата од јавната дискусија, а потоа како втора точка е ставен Предлог-уставен закон за спроведување на амандманите на Уставот на Република Македонија.
Денеска најверојатно седница нема да одржи ниту Интерпартиската парламентарна група за помирување, реформи и интеграција, која во текот на неделава треба да усвои предлог текст на закон за амнестија за настаните од 27 април.