Предлог – законот за спречување на корупција од страна на Владата е пуштен во собраниска процедура, но овој пат со европско знаменце, за да се спречи секоја шанса законот да биде блокиран, изјави денеска вицепремиерката Радмила Шекеринска
-Се работи за текст којшто предвидува навистина високи критериуми за кој било да биде избран за претседател или член на комисија. Меѓутоа од друга страна на комисијата и дава зголемена моќ. Ќе имаат пристап до банкарски сметки, ќе имаат пристап до различни бази на податоци кои досега им биле затворени. Ќе можат да истражувааат можности за корупција кај поединци, но и финансирањето на политичките партии и ова се важни работи за да покажеме дека има политичка волја за борба против корупциија, но и да покажеме резултати за борба против таа корупција, рече Шекеринска.
Законот беше повлечен од собраниска процедура кога ВМРО ДПМНЕ поднесе десетици амандмани. Според Шеќеринска намерата на опозицијата била да го блокира носењето на законот и најголем дел од нивните амандмани се однесувале на намалување на критериумите за избор на членовите и на намалување на компетенциите и моќта на комисијата.
-Предлозите од страна на ВМРО ДПМНЕ велат да немаат пристап до банкарски сметки, да немаат пристап до бази на податоци, да не можат да испитуваат финансирање на политички партии. Мене тоа навистина ми беше чудно. Затоа што јас сметав како опозиција ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира повисоки да бидат критериумите и појака да биде антикорупциската комисија. Се потрудивме неколку дена да најдеме заеднички јазик. Најавивме дека одреден број амандмани, кои не се спорни, а се предложени од нивна страна ќе ги прифатиме додека не можеме да преговараме за да се уништи практично комисијата и законот пред нејзино донесување, рече Шеќеринска.
Шеќеринска не одговори дали е можно таа да биде консензуален кандидат за претседател на РМ, обајнсувајќи дека во моментов целиот фокус на Владата е посветен на стратешката цел на државата, а се однесува на заокружување на уставните измени и имплементацијата на Преспанскиот договор.
-Би било изневерување на таа доверба сега дел од нашата енергија да оди на следните избори. Целиот фокус на Владата е посветен на овој процес и убедени сме дека процесот прво ќе биде успешен и второ дека ќе биде многу важен за иднината на Република Македонија, додаде Шекеринска.