Петра Квитова не крие дека е презадоволна и пресреќна по Австралија опен и покрај поразот во финалето од Наоми Осака. Чешката тенисерка како да живее во бајка по хоророт што се случи пред две години кога провалник влезе во нејзиниот стан во Прага и ` нанесе повреди на прстите на раката, повреда што за малку ќе значеше и крај на кариерата.
„Ова е лудо. Не можам да верувам дека повторно играв во гренслем финале. Беше извонредно, ова беше одличен турнир за мене. Благодарна сум на семејството и на пријатели за сета поддршка што ја имав во изминатиот период и, секако, на мојот тим. Најмногу за останување крај мене иако не знаев дали ќе можам повторно да држам рекет“, рече Квитова по поразот во Мелбурн.
Таа од утре ќе биде втор светски рекет благодарение на освоените бодови на Австралија опен, турнир на кој настапи како осма носителка. Емоциите ја совладаа по фантастичните, за неа, две недели и шесте победи на гренслемот од кој инкасира околу два милиона долари.
„Ме поддржувавте секој ден и останавте позитивни кон мене кога ми беше најпотребно. Знам дека не беше и затоа сум ви неизмерно благодарна. Се надевам дека ќе бидам здрава и дека ќе се видиме и догодина овде“, се обрати Квитова со солзи во очите кон австралиската публика.
За нејзините добри партии на првиот гренслем турнир во сезона говори и начинот на кој „газеше“ по натпреварувачкиот костур до финалето. До средбата со Осака не загуби ниту еден сет против Магдалена Рибарикова (6:3, 6:2), Ирина Бегу (6:1, 6:3), Белинда Бенчиќ (6:1, 6:4), Аманда Анисимова (6:2, 6:1), Ешли Барти (6:1, 6:4) и Даниел Роуз Колинс (7:6, 6:0).