Истрагата по несудениот фудбалер на Кардиф, Емилијано Сала се помрднува од мртва точка. Англиските медиуми пишуваат за пронајдени делови на седишта на плажа во близина на Суртенвил на полуостровот Котентин за кои се верува дека му припаѓаат на авионот од типот „пајпер“ што исчезна од радарите во понеделникот попладне.
„Пронајдовме два дела на авионско седиште за кои веруваме дека припаѓаат на авионот со кој леташе Емилијано Сала. Од прелиминарната истрага заклучивме дека веројатно се перничиња од исчезнатиот авион“, соопштија од истрагата.
Официјалната потрага по исчезнатиот авион што леташе од Нант кон Кардиф беше запрена во четвртокот, па семејството на аргентинскиот фудбалер ја ангажира приватната компанија „ААИБ“ да продолжи со трагање.
Споменатите перничиња што се веројатно составен дел од седиштата на авионот се пронајдени на плажа во североисточна Франција на 40 милји од местото на исчезнување на леталото над местото Жернси. За викендот се планира детално „чешлање“ на подрачје од четири милји околу местото на кое се најдени деловите во обид да се стигне и до трупот на „пајперот“.
Голем дел од фудбалерите побараа истрагата да продолжи со надеж за пронаоѓање на Сала, а дел од неговите колеги како Дмитри Паје, Килијан Мбапе и Адреин Рабио донираа средства за ангажирање на приватната агенција, откако англиските и француските власти ја прекинаа спасувачката операција што траеше три дена.