Во земјава денеска е втор ден жалост по сообраќајката во која завчера на патот Скопје-Тетово загинаа 14 лица, а 37 беа повредени откако кај село Ласкарци се преврте автобус на компанијата „Дурмотурс“.
Петмина од повредените во стравичната автобуска несреќа кај Ласкарци се во критична состојба, од кои двајца се хоспитализирани во ГОБ „8 Септември“, а тројца на Скопските клиники.
Надлежните институции го утврдија идентитетот на 14 загинати жртвите, завршен е увидот на местото на несреќата, а автобусот е однесен на вештачење.
Идентификувани 14 загинати во трагедијата кај Ласкарци-најголем број од жртвите се млади
Како што информираше вчера Јавното обвинителство, интензивно се работи на утврдување на сите детали за причините на несреќата, но дека „возачот кој управувал со автобусот е хоспитализиран и се здобил со телесни повреди. Веднаш по несреќата јавниот обвинител имаше првичен разговор со него и притоа тој не даде релевантни податоци за целиот настан“.
ОЈО истражува дали возачот во моментот на трагедијата разговарал на мобилен телефон
Автобусот на компанијата „Дурмо турс“ што излета од автопатот и се преврте во близина на стариот пат, е кренат од местото на несреќата и по наредба на јавен обвинител врз него ќе се врши детално техничко вештачење од страна на Машинскиот факултет во Скопје.
Од досегашните сознанија е утврдено дека автобусот бил набавен во 2001 година, а последен пат бил регистриран во јануари 2019 година. Вешт наод и мислење треба да достави и Бирото за судски вештачења.
Патник во автобусот: Пред несреќата се слушна тропање, а возачот се обидуваше да го држи правецот
„Дурмо турс“, пак, треба да достави целосна документација за дозволите кои ги поседува за јавен превоз, за одржувањето на возилата, бројот на патници и продадени карти во автобусот, како и податоци за работното време и релациите кои ги поминал возачот на критичниот ден.
Повреден во несреќата му кажал на таткото: Автобусот одеднаш изгуби контрола
Обвинителството најави одлука по обезбедување на сите докази, целокупната релевантна документација, обдукциските протоколи, медицинската документација за повредите на другите патници, извештаите за наредените вештачења, испитувањето на возачот, на патниците во автобусот и на очевидци на настанот.
По несреќата Владата на вонредна седница прогласи дводневна жалост во целата држава. Комеморативни седници одржаа општините Гостивар и во Врапчиште, од каде се починатите во несреќата, во присуство на државниот врв и владини и партиски делегации.
Таравари: Сум видел многу болка, но ништо не се споредува со оваа трагедија
Сочувство до семејствата и граѓаните на Македонија упатија и политичари од повеќе држави од соседството и пошироко, како и од Европската унија и од НАТО.









