Кошаркарската репрезентација на Црна Гора е последната од Европа што обезбеди пласман на Светското првенство во Кина што ќе се одржи од 31 август до 15 септември во оваа година. Претставникот од регионот на Западен Балкан ќе биде и селекцијата на Србија.
Историскиот пласман на СП во кошарка, Црногорците го испишаа вечерва во Подгорица. Поразот од Летонија во Морача (74:80) беше рамен на победа за нив бидејќи за исполнување на мисијата им требаше триумф или пораз со помалку од осум разлика во што и успеаја.
Црна Гора во мечот ја немаше поддршката од Никола Вучевиќ за разлика од Летонците кои во Подгорица допатуваа со пет евролигашки кошаркари.
Најефикасен на средбата беше Јанис Стрелниекс со 25 поени, двоцифрени беа уште Мартинс Мејерс со 12 и Јанис Тим со 11. Лидер во црногорската селекција беше Дерек Нидам со 22 коша, Марко Тодоровиќ уфрли 13, а Бојан Дубљевиќ и Алекса Поповиќ по 11.
Покрај Црна Гора и Србија, од Европа на СП 2019 во Кина ќе играат и Чешка, Франција, Германија, Грција, Италија, Литванија, Полска, Русија, Шпанија и Турција.
Африкански претставници на мундијалот ќе бидат Ангола, Брегот на Слоновата Коска, Нигерија, Сенегал и Тунис, од Азија ќе учествуваат Австралија, Иран, Кина, Јапонија, Јордан, Нов Зеланд, Филипини и Јужна Кореја, а пласман од Северна, Средна и Јужна Америка осигураа САД, Канада, Доминиканска Република, Аргентина, Бразил и Венецуела. Последниот патник на СП ќе биде познат ноќеска по одигрување на мечот меѓу Уругвај и Порторико во Сан Хуан.
Учесници на СП 2019 во кошарка
Европа: Црна Гора, Србија, Грција, Турција, Чешка, Полска, Франција, Германија, Италија, Литванија, Русија, Шпанија
Африка: Ангола, Брегот на Слоновата Коска, Нигерија, Сенегал, Тунис
Азија: Кина, Јапонија, Јордан, Нов Зеланд, Филипини, Јужна Кореја, Австралија, Иран
Северна, Средна и Јужна Америка: САД, Канада, Доминиканска Република, Аргентина, Бразил и Венецуела и Порторико/Уругвај