Фиорентина и Лацио одиграа без победник (1:1) во претпоследниот меч од 27. коло во Серија А. Од исходот на „Артемио Франки“, секако, позадоволни се римските „небесно-сини“ кои останаа во игра за позициите на табелата што водат во Лигата на шампиони за наредната сезона за разлика од „виолетовите“ за кои се подалеку е Лига Европа.
Лацијалите поведоа со прекрасниот гол од работ на казнениот простор на Чиро Имобиле во 23. минута на додавање од Кореа. По водечкиот гол, гостите се обидуваа со напади да дојдат до втор за потврда на триумф, но истовремено и да го задржат тој еден што го имаа во што честопати беа спречувани од голманот Терачано.
Казна за неискористените прилики ги стигна во 61. минута. Фиорентина израмни со голот на Луис Муриел по што дојде до пад на темпото на игра, па последните пола час не донесоа ништо позначајно освен јалова иницијатива на гостите од главниот град на Италија.
Колото ќе биде заокружено со средбата Рома – Емполи (понеделник, 20.30 ч.) на „Олимпико“. Јувентус е суверен лидер на табелата во калчолигата со 75 бода, 18 повеќе од Наполи на второто место, што упатува дека „Скудетото“ е извесно дека ќе остане во Торино. Затоа фокусот се врти на битката за преостанатите две места што носат директен пласман во ЛШ за сезоната 2019/20 и во која рамноправно учествуваат Милан, Интер, Рома, Торино, Аталанта и Лацио.
Серија А, 27 коло
Фиорентина – Лацио 1:1
Сасуоло – Наполи 1:1
Фрозиноне – Торино 1:2
Интер – СПАЛ 2:0
Сампдорија – Аталанта 1:2
Болоња – Калјари 2:0
Киево – Милан 1:2
Парма – Џенова 1:0
Јувентус – Удинезе 4:1
Рома – Емполи (понеделник, 20.30 ч.)
Табела: Јувентус 75, Наполи 57, Милан 51, Интер 50, Рома 44 (-1), Торино 44, Аталанта 44, Лацио 42 (-1), Сампдорија 39, Фиорентина 37, Парма 33, Сасуоло 32, Џенова 30, Калјари 27, Удинезе 25 (-1), СПАЛ 23, Емполи 22 (-1), Болоња 21, Фрозиноне 17, Киево 10.