Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн најави потреба од измени во Законот за носење оружје во земјата. Ваквата нејзина порака доаѓа по еден ден од смртоносниот напад на Австралиецот Брентон Харисон Тарант (28), кој во две џамии во Крајстчрч уби најмалку 49 лица.
„Денеска, додека земјата тагува, ние бараме одговори“, истакна Ардерн.
Таа потврди дека осомничениот напаѓач имал дозвола за носење оружје што ја добил во ноември во 2017 година.
„Можам да кажам само една работа, нашите закони за оружје ќе се изменат“, порача премиерката.
Нов Зеланд во минатото се обиде да ги заостри законите за носење оружје, но моќните лоби групи и ловечката култура ги поткопале таквите напори.
Се проценува дека на Нов Зеланд има, речиси, 1,5 милиони парчиња оружје, а во земјата, во која се забележани мал број на слични напади како вчерашниот, живеат околу пет милиони жители.
Полуавтоматското оружје што е користено во нападот во две џамии во Крајстчрчот е забрането во Австралија по масакрот во Порт Артур во 1996 година во кој животно настрадаа 35 лица.
Тарант бил член на стрелачки клуб и честопати вежбал пукање со лесна полуавтоматска пушка АР-15.