Ферари во проблеми, Мерцедес во еуфорија. Луис Хамилтон славеше во драматичната трка за ГН на Бахреин пред тимскиот колега Валтери Ботас и Шарл Леклер. Но, пласманот на третото место никако не може да е задоволувачки за младиот пилот од Монако. Трката ја почна од пол-позицијата и имаше за цел да заврши како победник, расплет што се навестуваше со оглед на развојот на ситуацијата на патеката.
Леклер во најголем дел од настапот беше во предност. На почетокот, додуша, наизменично се менуваа во водство со клупскиот колега Себастијан Фетел, меѓутоа во средина на трката го имаше главниот збор. Неприликите за него дојдоа во финишот. На своите механичари им пријави дека болидот губи сила што, секако, беше вест за Хамилтон. Веднаш ја искористи укажаната прилика, го претекна возачот од Ферари и рутински ја запиша првата победа во новата сезона во Формула 1 шампионатот.
Подоцна и Ботас го мина Леклер, кој на крајот, сепак, мораше да се помири со третата позиција. Фетел ја заврши трката како петти, а меѓу двајцата пилоти на Ферари се смести Макс Ферстапен од Ред Бул Рејсинг Хонда. Бодови во Бахреин освоија и Ландо Норис, Кими Раиконен, Пјер Гасли, Александер Албон и Серхио Перез.
Наредната трка во Формула 1 шампионатот ќе се вози на 14 април во Шангај за ГН на Кина.
Резултати од трката за ГН на Бахреин
Луис Хамилтон (Мерцедес) 1:34:21.295 часа
Валтери Ботас (Мерцедес) +2.980 сек.
Шарл Леклер (Ферари) +6.131 сек.
Макс Ферстапен (Ред Бул Рејсинг Хонда) +6.408 сек.
Себастијан Фетел (Ферари) +36.068 сек.
Ландо Норис (Мекларен Рено) +45.754 сек.
Кими Раиконен (Алфа Ромео Рејсинг Ферари) +47.470 сек.
Пјер Гасли (Ред Бул Рејсинг Хонда) +58.094 сек.
Александер Албон (Скудерија Торо Росо Хонда) +62.697 сек.
Серхио Перез (Рејсинг Поинт БВТ Мерцедес) +63.696 сек., итн.
Генерален пласман кај возачи
Валтери Ботас (Финска) 44 бода
Луис Хамилтон (В. Британија) 43
Макс Ферстапен (Холандија) 27
Шарл Леклер (Монако) 26
Себастијан Фетел (Германија) 22
Кими Раиконен (Финска) 10
Ландо Норис (В. Британија) 8
Кевин Магнусен (Данска) 8
Нико Хулкенберг (Германија) 6
Пјер Гасли (Франција) 4, итн.
Генерален пласман кај конструктори
Мерцедес 87 бода
Ферари 48
Ред Бул Рејсинг Хонда 31
Алфа Ромео Рејсинг Ферари 10
Мекларен Рено 8
Хас Ферари 8
Рено 6
Скудерија Торо Росо Хонда 3
Рејсинг Поинт БВТ Мерцедес 3
Вилијамс Мерцедес 0.