Секој фудбалер со минутажа во триумфот (3:1) над Летонија во Скопје и ремито (1:1) против Словенија во Љубљана ќе добие премија од 4.000 евра. Вака реши Управниот одбор (УО) на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница како награда за националите по одличниот почеток во циклусот на квалификации за ЕП 2020.
По изборот на Муамед Сејдини за прв човек на ФФМ, поточно, за довршување на мандатот на Илчо Ѓорѓиоски, за нов потпретседател е избран Лазар Ракиџиев, кој и досега членуваше во УО на Куќата на фудбалот и истовремено е претседател на ОФС Велес. Претседателот, пак, на ОФС Прилеп, Марјан Стојкоски е назначен за нов национален координатор на македонските репрезентации.
Членовите на УО на ФФМ ја разгледаа иницијативата за формирање на Здружение на прволигаши, за истата се изјаснија дека немаат против и според Статутот на Федерацијата истакнаа дека може да се формира во било кое време и преку него да бидат дополнително застапувани во Собранието.