Новоизбраниот претседател Стево Пендаровски денеска го доби уверението од Државната изборна комисија дека е избран за претседател.
Тој најави реформи во Агенцијата за разузнавање и кажа дека во неа ќе нема место за оние лица кои се под истрага на Обвинителството.
„Во рапортот на Прибе најголемите забелешки беа стравичните злоупотреби на безбедносно – разузнавачкиот апарат. Не сум само јас надлежен, но имам ингеренции посебно во Агенцијата за разузнавање. Имам намера да учествувам темелно во реформите на тие служби, бидејќи значајни сегменти се уште не се реформирани.
За дел од лицата во Агенцијата веќе се водат и постапки, но сакам да напоменам дека сите оние кои се огрешиле од Законот, не можат да работат ниту во Кабинетот на претседателот, ниту во Агенцијата за разузнавање, а според моите информации Обвинителството води истрага за 4 лица“ кажа Пендаровски.
Во однос на законите кои претседателот во заминување одбиваше да ги потпише Пендаровски кажа дека „ќе се обиде најбрзо што е можно од понеделник да го доекипира правниот тим“ и веднаш потоа во најбрз можен рок да ги потпише законите. „ Дел од овие закони ќе бидат потпишани во првата недела по моето влегување во Кабинетот“ рече Пендаровски.
Според податоците на ДИК, од вкупно запишаните 1.808.131 избирач, на гласање излегле 843.508 граѓани или 46,65 отсто. Од нив за Пендаровски гласале 435.656 граѓани, а за Гордана Силјановска Давкова 377.446.
-Според ова, за претседател на Републиката е избран Стево Пендаровски кој доби мнозинство гласови од граѓаните кои гласале, рече претседателот на ДИК Оливер Дерковски.
Тој му ја честиташе победата на Пендаровски и му посака успешно извршување на функцијата.
Утре Пендаровски ќе даде свечена изјава во Собранието, по што ќе ја преземе претседателската функција. На инаугурацијата ќе присуствуваат претседателите на Бугарија, Србија, Албанија и Косово, заменик премиерот на Турција и делегација од Словенија.