Ник Кирјос во нов напад на Новак Ѓоковиќ. Темпераментниот и контроверзен австралиски тенисер овојпат „удри“ вербално врз моментно водечкиот на АТП листата во подкастот кај познатиот новинар на „Њујорк Тајмс“, Бен Ротенберг. Со причина или можеби од љубомора, знае само тој самиот.
„Тој има болна опсесија да се допадне на сите. Толку сака да се допадне на сите што јас не можам да поднесам“, рече Кирјос.
Кирјос и Ѓоковиќ досега одиграа два меѓусебни меча што ги доби Австралиецот. Но, не крие дека во првиот нареден ќе го провоцира српскиот колега, а доколку повторно го победи, најави дека ќе слави пред него на начин како што тој тоа го прави. Шанса за тоа е Мастерсот во Рим каде двајцата би можеле да се сретнат во четврт-финалето.
Австралиецот притоа истакна верба дека Ѓоковиќ би можел да го достигне и престигне бројот на освоени гренслем трофеи на Роџер Федерер, но Швајцарецот, според него, ќе остане најдобар светски тенисер на сите времиња.