Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска ја опиша атмосферата на средбите меѓу работните групи од власта и опозицијата, велејќи дека на тие средби се забележува чувство на одмазда и атак кон опозицијата. Мицкоски изјави денеска дека е оптимист и дека очекува да се постигне договор за Законот за јавно обвинителство, кој ќе го одреди идниот статус на СЈО.
„Јас сакам да бидам оптимист и верувам дека власта ќе се вразуми и ќе го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ. Свесен сум дека ќе излезат со коментари, свесен сум дека во овие месеци се случува насилна пресметка со опозицијата, но ние имаме принципиелен став и не се плашиме да се соочиме со фактите од спротивната страна. Н0, тие преговори, посебно од изготвување на тој закон, изобилуваат со изразено чувство за одмазда, атак и пресметка со неистомислениците“ рече Мицкоски.
Тој додаде дека паралелно се одвиваат и средби меѓу работните групи за пописот и за измените во Изборниот законик, но одби да каже кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за промената на изборниот модел.
За предвремени избори Мицкоски рече дека ги очекуваат час поскоро и дека понудиле два датумаи, или на почетокот на април, почитувајќи ги Велигденските празници, или до крајот на мај, имајќи го предвид празникот Рамазан.