Давид Луиз (32) и официјално е нов дефанзивец на Арсенал. Тимот од „Емирати“ го потврди трансферот вечерва на три часа до затворање на летниот преоден рок во Англија.
Бразилскиот стопер се сели во Северен Лондон од екипата на Челзи за осум милиони фунти и кај „топчиите“ го задолжи дресот со број 23.
„Давид носи огромно искуство во себе и се радувам што повторно ќе соработуваме. Тој е добро познат фудбалски лик што ќе биде големо засиливање за нашата дефанзивна линија“, рече менаџерот на Арсенал, Унаи Емери.
Луиз во два наврата беше член на Челзи, од 2011 година до 2014 година и од 2016 година до денеска. Во Европа играше и за Бенфика и за ПСЖ, а на стариот континент пристигна од бразилска Виторија.
Арсенал во финишот на преодниот го комплетира и трансферот на Киран Тирни од Селтик за 27 милиони евра, а претходно постигна договор за позајмица на Дани Себалјос од Реал Мадрид и го ангажира Николас Пепе од Лил за 80 милиони евра.