Вардар не успеа ниту во вториот обид да игра за титулата на Светското клупско ракометно првенство или популарниот Супер Глоуб. Актулниот европски шампион загуби од Кил со 30:34 во полуфиналето на престижниот турнир во Саудиска Арабија и во сабота од 16.30 часот ќе игра против домашната Ал Вахда за бронзениот медал.
Противник на бундеслигашот во финалето ќе биде Барселона која во втората полуфинална пресметка ја потврди апсолутната фаворитска улога во однос на Ал Вахда и славеше со 34:24.
По негативата од два разлика на полувреме (17:19), „црвено-црните“ влегоа во „црна дупка“ во продолжение на средбата. Од 36. минута до 46. минута не погодија ниту еднаш, па Кил го искористи моментот, „побегна“ на плус десет и ги симна сите дилеми околу победникот.
Австриецот Никола Билик со девет гола беше најефикасен во составот на Кил, по пет гола за вардарци постигнаа Иван Чупиќ, Тимур Дибиров и Данил Шишкарев. Полуфиналниот дуел беше втор за „црвено-црните“ на годинашниот Супер Глоуб по триумфот во четвртфиналето над саудиски Ал Мудхар со 34:27.
За Вардар ова е второ учеството на клупското СП. Дебитантскиот настап го имаше на турнирот во 2017 година на кој заврши на третото место. Во четврт-финалето го совлада ирански Нафт&Газ Гашсаран со 30:22, во полуфиналето беше поразен од Барселона со 29:32 и на крајот го декласира Ал Сар од Катар со 37:19.