Македонската фудбалска репрезентација немаше време за прослава и уживање по синоќешната победа над Словенија со 2:1 во квалификациите за Европското првенство во 2020 година. По проспиената ноќ во Скопје, националниот тим се спакува и одлета за Полска на мегдан со домашната селекција во недела (20.45 ч.) на стадионот „Народови“ во Варшава.
Меѓу двата квалификациски меча се огласи Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) преку нејзиниот претседател, Муамед Сејдини кој порача дека, согласно одлуката на Управниот одбор (УО), репрезентативците ќе бидат наградени со 100.000 евра за триумфот над „змајчеки“ што значеше чекор поблиску до второто место на табелата кое, пак, гарантира директен пласман на завршницата.
Во меѓувреме, покрај ФФМ, се јави и УЕФА со делегирање на судиските колегиуми за мечевите од осмото коло во циклусот. Полско-македонската пресметка во Варшава ја доби шпанскиот арбитар Антонио Матеу Лахоз кој има импресивно искуство зад себе од дерби дуелите во Примера, во Лигата на шампиони, во Лига Европа и од ланскиот мундијал во Русија. Неговиот имиџ е поткрепен и со делење правда во фудбалското првенство на Ерменија, поточно, во тамошното дерби меѓу Пјуник и Арарат кои побараа странски судија поради недоверба во домашниот кадар.