Истанбул котира при врвот на листата со желбени дестинации за македонските граѓани за дочек на Нова година, но, речиси, подеднаков интерес има и за престолнините на соседните држави. Од европските градови, во понудите на туристичките агенции, има интерес за Виена и за Милано, а од подалечните атрактивен е Дубаи.
Се нудат аранжмани и за Лапонија, во кои е вклучена екскурзија до селото на Дедо Мраз, посета на поштата каде што може да се испрати писмо со желби за наредната година, посета на „Санта парк“, на шумата на троловите, на фармата за елени и на арктичката зоолошка градина „Рануа“.

Туристичките агенции нудат аранжмани со три и четири ноќевања за Истанбул со авионски и автобуски превоз. Цените се движат од 120 евра по лице за хотелско сместување со автобуски превоз и од 220 евра со авион. Дочекот на Новата година е на плоштад, а за прослава во рестораните и хотелите се доплаќа. Некои агенции нудат можност и за дочек на брод.
„За Нова година најмногу се бара Истанбул. Македонските граѓани сакаат да одат во Истанбул. За таму има голем интерес“, велат од туристичката агенција „Магелан“, додавајќи дека најголем интерес има за поевтините аранжмани кои брзо се продаваат, додека за поскапите аранжмани интересот е помал.

Од соседните главни градови има интерес за дочек на Нова година во Софија и во Атина. Аранжманите за бугарската метропола се движат од 80 евра и нагоре, а за Атина околу 100 евра со вклучен автобуски превоз и хотелско сместување.
На јадранската ривиера, и годинава како и лани, атрактивна е Будва за каде граѓаните ќе треба да издвојат по околу 90 евра за сместување во хотел, односно по 60 евра за приватно сместување.

Нешто помал интерес од регионалните центри има за Виена и Милано. Новогодишните аранжмани за австрискиот главен град се движат од 150 евра за две ноќевања со автобуски превоз, а за италијанскиот град на модата се продаваат по околу 200 евра за три ноќевања. И за нив важи напомената дека се однесуваат за прослава на плоштадите, а дополнително се доплаќа за вечер во ресторан или хотел.

Од туристичките агенции велат дека годинава има интерес и за Кипар, за каде што од семејниот буџет треба да се издвојат минимум 400 евра за полупансион во хотел со три ѕвездички со вклучен авионски превоз. Дополнително се доплаќа новогодишната вечера за чини најмалку 50 евра.
„Интерес има за Будва, Солун и за Истанбул како поевтини аранжмани. Од авионските понуди интересни се Кипар и Дубаи“, велат од туристичката агенција „Пет“.
Од подалечните дестинации агенциите ги нудат и Москва и Санкт Петербург, каде што за седум ноќевања со авионски превоз преку Белград и хотелско сместување треба да се плати околу 800 евра по лице, а оние кои сакаат да го видат Дедо Мраз и да отпатуваат во Лапонија ќе треба да платат околу 1.500 евра за пет ноќевања и хотелско сместување.