Министерот за надворешни работи смета дека првите три месеци од оваа година се важни за евроинтеграциските процеси на државата за што најави и дипломатска офанзива.
„Наша задача сега е да ветуваме помалку, а да сработиме максимум. Мора да се фокусираме и моја цел и цел на ова Министерство во следниве неколку месеци е да продолжиме со една дипломатска офанзива. Ќе биде од голема помош ако и Собранието го усвои двотретинскиот закон за Јавното обвинителство. Тоа ќе помогне во оваа активност. Ако 2019 ако беше година на НАТО членството што останува уште формално да се затвори, тогаш се надевам дека 2020 ќе биде европска година“, вели Димитров во Интервју за Канал 5.
Запрашан во врска со аферата Рекет, рече дека разбрал некаде во јуни кога била веќе отворена предистрагата од надворешен фактор.
„Многу е важно што тоа прашање има ефикасна судска развршница, што има таков фокус и лупа од јавноста. Меѓутоа, исто така, е важно тој случај да не направи да ги заборавиме сите случаи и одговорноста која што треба и која што и Европа ни ја бара од индициите за криминалот од прислушуваните разговори. Тоа ни е конкретна задача од Европскиот совет и токму затоа е важен и законот за јавното обвинителство“, рече шефот на дипломатијата, Никола Димитров.