„Електрани на Македонија“ ќе издвојат над 25 милиони денари за поддршка на спортисти и спортски клубови по основ на т.н. ваучер систем. Речиси пола од вкупните средства ќе бидат насочени кон битолските колективи поради, како што истакна директорот Васко Ковачевски, фактот дека во градот на конзулите се наоѓа најголем производствен капацитет на компанијата – РЕК Битола.
Договорите за финансиска поддршка се потпишани денеска. Според нив, машкиот ракометен клуб Пелистер ќе добие 8,5 милиони денари, за истоимениот кошаркарски клуб се планирани 2,5 милиони денари, а еден милион денари ќе легнат на сметка фудбалскиот клуб кој моментно се натпреварува во Втора лига.
Женската ракометна секција на Пелистер ќе искористи 750.000 денари, а поддршка врз основа на спонзорства и донации ќе добијат и кугларскиот клуб Пелистер и женскиот фудбалски клуб Топ
гол.
„Општествената одговорност на АД ЕСМ се одразува и во овие наши активности за кои годинава предвидени се над 25 милиони денари за поддршка на спортски клубови од цела држава. Најголем дел од средствата се наменети за клубови во Битола поради фактот што таму се наоѓа нашиот најголем производствен капацитет – РЕК Битола“, истакна генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Законот за даночно олеснување или т.н. „спортски ваучери“ е одлична можност за стимулација на стопанските субјекти да го пронајдат сопствениот интерес за инвестирање во спортот, додаде Ковечевски, и ги повика останатите компании да го следат чекорот на Државните електрани.
Законот овозможува дел од данокот на добивка, компаниите да го вложува во спортот, наместо да ги платат парите во државната каса.