Во моментот на примо-предавање на функцијата во кабинетот на поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски беа затечени триесетина стари предмети со донесени одлуки, делумно потпишани од судиите, а делумно не. Таквата состојба ја изнесов на Кривичен одел, а потоа и на Кривичен совет и секој предмет одделно го разгледавме и донесовме соодветни одлуки што да се направи, бидејќи таквите предмети не можеа да се верифицираат поради тоа што беше поминато подолго време, појасни денеска в.д. претседателот на Врховниот суд Фаик Арслани. За ова, минатата недела Нова ТВ објави текст со наслов „По две години се криеле предмети во Врховен суд“.
„На Кривичен одел, а потоа и на Кривичен совет донесовме одлука сите предмети да бидат пререферирани и така се случи. Дадов наредба, со оглед дека се работеше за постари предмети, да се стопира реферирањето на новите предмети од 2019 година и да се завршат сите предмети од 2018 година и постари. До денеска сите такви предмети беа пререферирани, донесени се одлуки и 98 отсто од нив се изработени и експедирани. Меѓу предметите имаше еден предмет по жалба за кој во повторената постапка при реферирањето констатиравме дека настапила апсолутна застареност и така заврши. За ваквата состојба во писмена форма е известен Судскиот совет“, изјави Арслани.
Не се сомневам во ништо, порача, затечената состојба ја изнесов на Кривичен одел и Кривичен совет како што налагаат прописите и Законот за кривична постапка, а потоа како в.д.претседател бев должен да го известам Судскиот совет за констатираната сосотојба што и го направив.
„Судскиот совет е надлежен да цени ако смета дека има некаков пропуст и евентуално да преземе некои мерки. Не се работи за притворски предмети, туку за предмети кои се затечени во фаза на главна завршена работа“, прецизира Арслани.
Во однос на решението на Врховниот суд по жалбата на поранешниот претседател на Судот, Јово Вангеловски, в.д. претседателот Арслани рече дека со ждрепка се избрани два жалбени совети во Врховниот суд и веќе е земен во работа овој предмет.
„Се работи на проучување на предметот и верувам дека во скоро време, жалбените совети ќе свикаат седница и ќе донесат одлука. Очекувам тоа да се случи во наредните две до три недели“, рече Арслани.
За жалбата на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска рече дека не е сигурен кога ќе решава Кривичниот совет, бидејќи не знае кога предметот ќе дојде на дневен ред.
„Дадов забрана за решавање на предмети од 2019 година додека не завршиме со предметите кои беа пронајдени при примопредавање на фунцкијата претседател на Врховниот суд. Веќе ги завршивме тие предмети и сега на ред се предметите од 2019 година меѓу кои и барањето за вонредно поништување на правосилната пресуда за Јанкулоска. Верувам дека многу брзо и тој предмет ќе дојде на дневен ред. Не исклучувам тоа да се случи и до крајот на неделава“, рече Арслани.
Нагласи дека не претставува проблем што еден од членовите на Кривичниот совет веќе учествувал во таа постапка, бидејќи, има заменик член и додаде дека тоа е регулирано со годишен распоред за работа.