Стопирано е испраќањето на поштенски пратки од нашата земја кон примачи на подрачјето на Кина за наредниот период. Донесената одлука е од времен карактер поради суспензијата на летови на авиокомпаниите од и кон Кина како резултат на ширењето на коронавирусот, информираат од Пошта на РСМ.
Ситуацијата, пак, во спротивен правец е непроменета. Од „Македонски Пошти“ истакнуваат дека пратките од Кина пристигнуваат според вообичаената динамика.
„Поради ширењето на корона-вирусот во Кина, авиокомпаниите кои покрај превозот на патници вршат и транспорт на поштенски пратки за Кина, имаат воспоставено привремена забрана за летовите кон и од Кина. Заради тоа, испраќање на поштенски пратки од нашата земја кон примачи на подрачје на Кина, нема да се врши во наредниот период, објави Пошта на РСМ на својата интернет страница.
Националниот поштенски оператор ги замолува корисниците за разбирање и најавува дека навреме ќе извести за сите промени. Претходно, дел од националните поштенски оператори во регионот, информираа дека престануваат да испорачуваат пратки од Кина, поради прекинатите летови од страна на авиокомпаниите.
Светската здравствена организација на почетокот на месецов соопшти дека примачите на пратки и писма од Кина не се изложени на ризик од зараза од коронавирус. Според последните анализи вирусот не живее долго на површината на предметите, како што се писма или пакети, објави СЗО.