Во СДСМ е почната процедурата за кандидирање на идните пратеници, а носителите на листи ќе бидат познати по Конгресот на партијата во март. Според портпаролот, Костадин Костадинов, заседание на највисоко тело на владеачката партија треба да се одржи од 8 до 12 март, но, како што рече, засега е неблагодарно да шпекулира со било какви информации.
„Процедурата околу кандидирање и евидентирање на идните пратеници е отпочната. СДСМ дава можност на базата од последната клетка на партиското функционирање, а тоа се месните одбори, да предлагаат нивни кандидати од местата од каде тие се наоѓаат и како отворена партија даваме можност за сите кои ги препознаваат политиките на СДСМ по пат на самокандидирање да поднесат кандидатури. За носителите на листи ќе одлучуваме кога ќе дојде ред на Конгресот на СДСМ, кој е највисок орган на партијата. Пред тоа би било неблагодарно и непринципиелно од една одговорна партија да шпелулира со било какви информации“, изјави Костадинов.