Италија вчера соопшти за рекордни 627 смртни случаи во еден ден со што вкупниот број на жртви во земјата надмина 4.000. Владата воведе нови ограничувачки мерки за граѓаните. Експертите велат дека никој не ги знае вистинските бројки.
Бројот на жртви кои секојдневно се пријавуваат во Италија стигна до фаза во која далеку го надминува и бројот во пикот на епидемијата во провинцијата Хубеи, во Кина. Но, Матео Басети од престижната клиника „Сан Мартино“ во Џенова вели дека владата веројатно нема поим колку луѓе всушност се заразени од Ковид-19.
„Има толку многу луѓе кои го имаат вирусот, шетаат наоколу и можат да заразат и други. Овие 40.000 случаи за кои зборуваме во Италија всушност можат да бидат и 100 пати повеќе“, изјави Басети за италијанската новинска агенција АГИ.
Италија секојдневно урива црни рекорди, откако стана нов епицентар на коронавирусот во светот. За помалку од четири недели земјата забележа повеќе смртни случаи од Кина, која го пријави првиот случај кон крајот на декември. Само во последните три дена регистрирани се 1.500 смртни случаи од Ковид-19. И бројот на инфекции во петокот забележа рекорден пораст од речиси 6.000 на вкупно 47.021.
Италијанската влада најави дека ќе ја прошири забраната за јавни собири и ќе ги затвори речиси сите продавници и по 25 март. Во делови од земјата, локалните власти преземаат и дополнителни мерки.
Во Милано се ангажирани повеќе од 100 војници кои и помагаат на полицијата во спроведување на забраната за излегување од домовите. Дополнително, во петокот беа затворени и сите паркови. На оние кои џогираат им се препорачува да трчаат околу своите домови и згради.
Стапката на смртност во Италија од 8,6 проценти е највисока од сите земји во светот. Медицинските експерти тоа го припишуваат на големата просечна возраст на населението од 45,4 години или седум години повисока од просекот во Кина. Кај огромен дел од смртните случаи се работи за постари лица со најмалку една претходна болест. Просечната старост на првите 3.200 смртни случаи во Италија била 78,5 години. Речиси половината од нив имале три или повеќе хронични заболувања. Само кај 1,2 отсто од жртвите не биле утврдени претходни заболувања.