Германската канцеларка Ангела Меркел се наоѓа во карантин во домашни услови поради контакт со лице кое било позитивно на коронавирусот, објави портпаролот на Владата.
Меркел била известена дека лекар, со кој била во контакт во петокот попладне, во меѓувреме имал позитивен наод на Ковид-19, изјави пред малку портпаролот на германската Влада, Штефан Зиберт. Веднаш по дознавањето на веста, како што нагласи Зиберт, Меркел веднаш се повлекла во самоизолација.
Меркел попладнево објави нови мерки против ширењето на коронавирусот кои, меѓу другото, содржат забрана за собир со повеќе од две лица во јавноста. Германската канцеларка во таа прилика ги повика граѓаните да се придржуваат до правилата и да „покажат разум“.