Граѓаните кои уплатиле туристички аранжман, а им пропаднале поради кризата со коронавирусот, ќе добијат ваучер од туристичките агенции со важност до 31 декември во 2021 година. Ова го сооопшти министерот за економија, Крешник Бектеши на денешната прес-конференција на која истакна дека е изготвена уредба со законска сила, со која на агенците ќе им се овозможи да издаваат ваучари во износ на уплатената сума што може да се искористи за кое патување заклучно со крајот на 2021 година.
„На тој начин сите клиенти, кои поради настанатата ситуација со коронавирусот, ги откажале своите аранжмани нема да ги изгубат уплатените средства, а во исто време туристичките агенции би можеле да го издржат финансискиот товар кој би се распределил на подолг временски период“, рече Бектеши.
Издавањето на ваучерите ќе биде унифицирано за сите агенции и ќе се реализира со согласност од двете страни, односно туристичката агенција и патниците. Туристичките агенции кои ќе престанат да ја вршат дејноста ќе имаат обврска средствата во целост да им ги вратат на клиентите, а тие што нема да ги почитуваат условите за издавање на ваучeри, ќе добијат соодветни казни согласно со законите за туристичка дејност и за прекршоци.
Бектеши соопшти и дека за поддршка на туризмот кој е најпогоден од кризата на барање на Министерството за економија, Здружението за заштита на авторски и музички права ЗАМП донесе одлука да ги ослободи од плаќање надомест за музика, рестораните, хотелите, кафулињата и останатите субјекти што плаќат ваков надомест, имајќи предвид дека воопшто не работат.
„Заедно со Фондот за туризам кој веќе беше формиран и со останатиот пакет економски мерки на коишто интензивно работиме можам да кажам дека ќе бидат прифатени речиси сите барања од туристичкиот сектор“, рече Бектеши.