Затворени се дополнителни 22 угостителски објекта во Скопје, во Куманово, во Гостивар и во Тетово, а 60. трговци неосновано покачиле цени на производи, претежно на лимони, констатирале инспекторите од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во тек на 5.155 надзори што биле извршени од 22 до 27 март. По налог на инспекторите, цените се вратени на претходно ниво.
„Во тек на 748. контроли што ги спровел Државниот инспекторат за труд се изречени 13 решенија и 48 укажувања за работодавачи кои не постапиле по препораките на Владата. Трудовиот инспекторат констатирал дека поголем дел од работодавачите ги почитуваат препораките за заштита на вработените од ковид-19“, информира денеска на прес-конференција претседатеката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашкоска.
Како дел од активностите за контрола на почитувањето на мерките и активностите од Владата за спречување на коронавирусот, шесте инспекторати при Инспекцискиот совет спровеле вкупно 7.637 надзори од 22 до 27 март.
При спроведени 367 надзори од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) се изречени 19 мерки за неспроведени обуки за основни знаења за безбедноста на храна од овластени институции, а констатирана е работа и на вработени без здравствен преглед за санитарна книшка, при што вработените се веднаш отстранети од објектот. Дополнително се издадени и четири решенија за месарници и маркети за констатирана општа лоша хигиенска состојба во објектите поради што е наредена дезинфекција, дезинсекција и дератизација.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил 246 инспекциски надзори и дополнително издал 2.774 дозволи за влез на професионални возачи на товарни возила во државава, а констатирано е дека возачите се придржуваат на пропишаните препораки за зашитита од ковид-19.
Државниот инсекторат за транспорт, пак, спровел 180 контроли. Притоа е констатирано дека меѓуопштинскиот сообраќај е, речиси, целосно редуциран и намален за 90 проценти, а еден автопревозник не ги почитувал препораките за преполовување на броот на патници.
„Не се откриени специфични отстапувања кај аптеките, каде Агенцијата за лекови извршила 36 надзори. Секторот ги почитува препораките, се одржува ред во аптеките, се дозволува влез на ограничен број лица, а цените се согласно препораките на Владата“, рече Филиповска Грашкоска.
Таа додаде дека инспекциските служби продолжуваат да работат интензивно и секој кој нема да ги почитува мерките ќе биде санкциониран.