Повеќе од четири милијарди лица во околу 100 земји и територии од светот се наоѓаат во принуден или предложен карантин во борбата против ширењето на коронавирусот, објави агенцијата „Франс прес“, повикувајќи се на официјални податоци. Бројката претставува повеќе од пола на светското население од вкупно 7,79 милијарди луѓе според проценките на Обединетите нации (ОН).
Кинеската провинција Хубеи и градот Вухан, од каде почна пандемијата, се првите подрачја во кои беше воведен карантин кон крајот на јануари. Овој регион почна постепено да ги олабавува мерките за забрана за движење што од денеска, според најавите, карантинот таму ќе бид целосно укинат.
На 18 март во карантин беа повеќе од 500 милиони лица, на 23 март веќе имаше над милијарда, а веќе наредниот ден двојно повеќе, додека на 25 март бројката достигна три милијарди лица. Заклучно со вчерашниот ден, во карантин се наоѓаат 4,06 милијарди лица.