Судиите во Република Северна Македонија да издвојат најмалку 20 проценти од нивната плата за месеците април и мај за сметка на Солидарниот фонд за справување со вирусот ковид-19. Ваква одлука во форма на препорака донесе Управниот одбор (УО) на Здружението на судиите и истата треба судиите да ја спроведат на индивидуална и доброволна основа.
Од УО на Здружението нагласуваат дека со ова ќе биде исполнета декларираната заложба на судиите, за учество во намалувањето на последиците од пандемијата и порачуваат оваа активност да се спроведена преку подружниците на Здружението на судите, во соработка со претседателите на судовите и судиите.
„Судиите, подружниците на Здружението на судии, и во целиот овој процес беа раководени од принципот на законитост, солидарност и пропорционалност, односно сразмерност“, се вели во соопштението на Управниот одбор на Здружението на судиите.
Тие информираат дека на денешната седница на Управниот одбор на Здружението на судиите, преку мејл/телефонска комуникација, била разгледана Одлуката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, т.е Решението за поведување на постапка за oценување на уставноста и законитоста, со времена мерка, на член 2 став 3, во врска со членот 3, од Уредбата со Законска сила за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба од 7 април.
„Управниот одбор ја акцептира сериозноста на состојбата во која се наоѓа Република Северна Македонија по објавената вонредна состојба предизвикана од пандемија на вирусот Ковид-19 и во таа насока во целост ги подржува активностите на Владата и останатите релевантни институции за изнаоѓање на креативни и функционални решенија за ублажувања на последиците од ваквата состојба. Притоа изразуваме особена почит и благодарност кон здравствените работници за нивната пожртвуваност и секојдневно ризикување на животите, за нас, за нашите семејства и за сограѓаните“, порачуваат од Управиниот одбор на Здружението на судии.