„Пошта на Северна Македонија“ се извинува за, како што наведува, „ненамерната грешка и техничките пропусти при објавување на пригодната поштенската марка од серијата „Северна Македонија во ЕУ“ чија цел е одбележување на претседавањето на Република Хрватска со Европската Унија (ЕУ).
На поштенската марка е претставена погрешна карта на Република Хрватска во чии рамки има делови и од другите земји во регионот и поради тоа е веднаш повлечена од употреба што подразбира поништување на целокупно издадениот тираж од 6.000 примероци и номинална вредност од 72 денара.
Поради направената грешка, Управниот одбор на Друштвото вчера донел одлука и за разрешување на раководителот на Бирото за филателија и за разрешување на Советот за поштенски марки.
„Изразуваме жалење за ненамерната грешка, особено што, издавањето на серијата поштенски марки „Северна Македонија во ЕУ“ се поклопи со 9 мај, Денот на Европа. Наша цел беше со оваа поштенска марка да изразиме благодарност до хрватското претседателство со ЕУ и за помошта и поддршката што Хрватска ја дава на нашата држава“, се вели во соопштението од „Пошта на Северна Македонија“.
Посочуваат дека издавањето на поштенските марки е регулирано со Законот за поштенските услуги и Правилникот за издавање и продажба на поштенски марки и вредносници, а во согласност со Годишната програма за издавање на поштенски марки, одобрена од страна на Министерството за транспорт и врски.
„Согласно одобрените теми, мотиви, тиражи и останати обележја на поштенските марки, во процесот на издавање на истите се вклучени: Биро за филателија на друштвото и Совет за издавање на поштенски марки. Бирото за филателија има надлежност да собира и стручно обработува податоци, да предлага мотиви и подготвува графички и ликовни решенија на поштенските марки, ги подготвува за печатење во согласност со насоките добиени од Советот и др. Советот за поштенски марки именуван од Управниот одбор на Друштвото е составен од седум членови, четворица претставници од редот на вработените во Друштвото и три надворешни членови. Надворешните членови се лица ангажирани во културни, јавни и научни области (историчари од национални институти (2) и еден е уметник од ФЛУ. Конечна одлука за изборот на мотивите како и графичките и ликовни решенија на поштенските марки ја носи Советот за поштенски марки“, објаснуваат од АД „Пошта на Северна Македонија“.