Единицата за економски и компјутерски криминал при Секторот за внатрешни работи Скопје до ОЈО Скопје ќе поднесе кривична пријава против десет лица – З.Х. (29), Р.И. (34), И.Е.М. (32), С.П. (53), А.Ќ. (45), Ф.Љ. (35), Л.И. (26), М.Т. (62), Н.К. (55) и Х.Х. (42), сите од Скопје, вработени во АД „Пошта на Северна Македонија”, подружница Чаир, поради постоење основано сомнение дека сториле кривични дела „проневера во службата“ и „фалсификување службена исправа“.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштуваат дека пријавените, деветмина шалтерски работници во посочената подружница, заедно со нивниот претпоставен десетопријавениот Х.Х. во вкупно 26 наврати во временскиот период од февруари до ноември 2019 година, со фалсификување на 26 налози за исплата-Образец ПП40, од лични трансакциски сметки сопственост на 26 физички лица, депоненти во банка од Скопје, неовластено присвоиле туѓи парични средства кои им биле доверени во вршењето на службата и прибавиле противправна имотна корист за сметка на десетопријавениот Х.Х. во вкупен износ од 1.570.822 денари.
„Од страна на АД „Пошта на Северна Македонија” Подружница ЦРПС-Скопје на 24.01.2020 година до Единица за економски и компјутерски криминал при Секторот за внатрешни работи Скопје беше доставена писмена пријава за сторените кривични дела“, стои во соопштението од МВР.