Бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов предаде донација со 600 заштитни одела и по 300 заштитни очила и визири на вицепремиерот за европски прашања и национален координатор за странска помош Бујар Османи и вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска.
Министерката Шекеринска изрази благодарност за донацијата и порача дека во период кога и Бугарија се соочува со оваа голема глобална криза, покажува вистинска солидарност на две пријателски, соседни земји, сојузници во НАТО, информираат од Министерството за одбрана.
Вицепремиерот Османи посочи на значењето на меѓусебното помагање во време на глобална криза, како израз на добрососедските односи меѓу двете земји и промоција на европската солидарност на дело.
Тој порача дека заштитната опрема ќе биде употребена за вистинската намена – борба против глобалната пандемија предизвикана од ковид-19 и дека ваквата соработка е во насока на исполнување на заедничката цел за европска иднина на целиот регион.
Донацијата од заштитна медицинска опрема за поддршка во справувањето со ковид-19 е наменета за јавното здравство како и за припадниците на Военомедицинскиот центар во Армијата на Република Северна Македонија.