Државната изборна комисија (ДИК) за претстојните предвремени парламентарни избори ја почна кампањата „Ти си на ред“. Со герила акција, за првпат досега, екипата на ДИК ги посети Охрид и Струга. На плоштадите во двата града беа поставени две големи поставки од големо стаклено ѕвоно и гел за дезинфекција со цел да им се приближат пораките за безбедно гласање до гласачите.
Како што се наведува во соопштението, со пораките „Заштити се себеси и другите“ и „Гласај безбедно“, ДИК упати апел за сигурни и безбедни избори. На плоштадите во Охрид и во Струга се поделија едукативни брошури и флаери на случајните минувачи за безбедно гласање и точно опишан начин како треба секој гласач да постапува на гласачкото место за да се заштити од коронавирусот.
„Со овој пример на информирање на граѓаните и нивна заштита во време кога целиот свет е соочен во борба со невидливиот непријател Ковид-19, Државната изборна комисија постави нови стандарди во функционирањето на државните институции“, се наведува во соопштението на ДИК.
Safety или безбедносната брошура која се делеше, содржеше гел за дезинфекција и маска за заштита од коронавирусот. Оваа герила акција, како што се наведува, се случува за првпат во нашата држава што е подготвена од Државната изборна комисија.
Со ова, ДИК сака да покаже грижа за здравјето на граѓаните и континуиран напор како пример за државна институција која треба да се одликува со независност, непристрасност, одговорност и професионалност во работењето.