Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски преку соопштение го прозва поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски за пасивност во нападите кон Зоран Заев во изминатите три години кој, според него, не го напаѓал лидерот на СДСМ оти, како што порача, „имал други работи“.
„За Ивица (комшијата) Коневски, бидејќи влегува во материјална расправа, еве малку материјал за него. Ја знаете зградата околу која се крена цел Аеродром кај Мајчин Дом. Е, токму во таа зграда, Коневски има стан и деловен простор над 350 метри квадратни. Патем, во истата зграда има стан и кумот на Марин“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Во дописот до медиумите се додава дека „членовите на ВМРО-ДПМНЕ во ВМРО гледаат кауза, а очигледно оние што бараат промени, во ВМРО гледаат ДООЕЛ“ за да заврши со порака дека „тоа е разликата поради која Ивица Коневски тежи минус 4.000 гласови“.
Еден час по партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ со реакција се јави Коневски кој најави тужба против Стоилковски за изнесени лаги и манипулации, а на Мицкоски му порача дека ништо нема да го спаси од заминување.
„Против портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски ќе поднесам тужба за изнесените лаги и клевети и тој за многу кратко време јавно ќе се извини. Мицкоски, ти порачувам уште еднаш дека сите овие лаги и манипулации нема да те спасат од заминување“, стои во реакцијата на Коневски кој во текот на денот порача дека е крајно време за промени во ВМРО-ДПМНЕ.
Пораки со иста и слична конотација во изминатите денови испратија и Никола Попоски, Даниела Рангелова, Никола Тодоров и Сашо Мијалков.