Поранешниот крал на Шпанија, Хуан Карлос Први го известил неговиот син, кралот Фелипе Шести, дека ќе ја напушти земјата и ќе замине во странство по обвинувања за корупција што се појавија за него во изминатите неколку недели.
„Поттикнат од желбата да се направи она што е најдобро во служба на народот, нејзините институции и вас, како крал, ве известувам за мојата одлука да ја напуштам Шпанија“, се вели во писмото на Хуан Карлос до неговиот син.
Кралот Фелипе Шести му се заблагодари на татко му за таа одлука и го посочи „историското значење“ што владеењето на Хуан Карлос го претставува за демократија во Шпанија по фашистичката диктатура на Франциско Франко. Поранешниот шпански крал не наведе во која држава ќе се пресели.
Шпанскиот Врховен суд во јуни отвори истрага за вмешаност на Хуан Кралос во постигнување договор за брза железничка пруга во Саудиска Арабија, откако швајцарскиот весник објави дека поранешниот шпански крал добил 100 милиони долари од починатиот саудиски крал Абдула. Тогаш, Карлос, наводно, префрлил голем дел од тие пари на поранешен пријател, а иследниците сметаат дека е можно да се работи за обид за затајување на парите од надлежните органи.
Хуан Карлос (82) е заслужен за мирното враќање на демократијата во Шпанија по смртта на диктаторот Франциско Франко во 1975 година. Сепак, опкружен со скандали во последните години од неговото владеење, Хуан Карлос абдицираше во корист на својот син во 2014 година, со што го загуби имунитетот што му го гарантираше Уставот на државата.