Либан прогласи тридневна жалост по стравичната експлозија што го потресе главниот град Бејрут вчера попладне во која, според последните информации, загинаа преку 100 лица, а повеќе од 4.000 се ранети, повредени и исчезнати.
Целиот град беше потресен од експлозија што првично се манифестираше како пожар во пристаништето по што дојде до експлозија, потсетува „Би-Би-Си“. Претседателот на Либан, Мишел Аун рече дека причина за експлозијата биле 2.750 тони амониум нитрат што шест години се наоѓале во складиште, меѓутоа не биле испочитувани мерките за безбедност при чување на високо експлозивната супстанца.
За денеска, нагласи тој, е закажана итна седница на владата и додаде дека треба да се прогласи двонеделна вонредна состојба во земјата.
Претседателот Аун, исто така, најави дека Владата итно ќе ослободи 100 милијарди либански лири (околу 66 милиони долари) за санација на последиците од експлозијата.
„Ова на што сведочиме е голема катастрофа. Насекаде има ранети и загинати“, изјави Џорџ Кетани, прв човек на либанскиот „Црвемн крст“, за локалните медиуми.
Повеќе од сто лица ги загубија животите, а нашите тимови продолжуваат со потрагите за спасување во околните подрачја, се наведува во соопштението на либанскиот „Црвен крст“ што е објавено утрово.