САД вчера го изненади светот кога на самиот на Светската Трговска Организација (СTO), администрацијата на претседателот Џо Бајден објави дека тие ќе ја поддржуваат привременото укинување на законите за интелектуална сопственост за Ковид-19 вакцините. Ова значи дека САД поддржува да се споделуваат патентите за Ковид-19 вакцините кои се заштитени од страна на СТО за да можат компании низ целиот свет да ги произведуваат вакцините. Оваа отстапка од таканаречените TRIPS закони за интелектуална сопственост беше иницијално предложена во октомври, 2020 од страна на Индија и Јужна Африка, но беше блокирана од страна на САД.
Американската амбасадорка за трговски прашања, Кетрин Тај го напиша следното: „Администрацијата верува силно во заштитата на интелектуалната сопственост, но во функција на ставање крај на оваа пандемија, го поддржува откажувањето од заштитата за вакцините КОВИД-19. Активно ќе учествуваме во преговори засновани врз текст на Светската Трговска Организација (СТО) потребни за тоа да се случи.“
Наместо после оваа историска одлука на САД, Европската Унија да одлучи да се приклучи на оваа иницијатива, Германија го одби овој предлог. Бидејќи СТО работи на принципот на консензус – односно за една одлука да биде донесена мора сите членки да се сложат – оваа блокада од страна на Германија комплетно ги запре преговорите за привременото укинување на законите кое би можело да спаси милиони животи.
„Германската влада застана зад целта за светско снабдување со вакцини КОВИД-19,“ рече владиниот портпарол, додавајќи сепак дека главните фактори во производството на вакцини се капацитетот и стандардите за квалитет, а не патентите. Исто така портпаролот рече дека заштитата на правата на интелектуална сопственост е клучно за да се стимулира иновација и дека Германија го поддржува COVAX системот преку кој би се редистрибуирале вакцините од западните држави до посиромашните држави.
Но многумина сметаат дека аргументите против привременото укинување на законите за интелектуална сопственост за Ковид-19 вакцините не држат вода и дека се правени од позицијата на персонален и финансиски интерес. Прво треба да е јасно за што точно се дискутира во оваа дебата: спорните закони за интелектуална сопственост се познати како TRIPS (Trade-Related Aspects of Intellectual Property Rights). Многу е важно да се напомене дека тие што сакаат овие преговори да почнат во СТО би се фокусирале на привремено укинување на само некои аспекти од овие закони за да може да се овозможи производство на вакцини во различни држави. Односно ова привремено укинување нема да има ефект врз како законите кои ја штитат интелектуалната сопственост во други области, како на пример во филмската индустрија, туку би имале ефект специфично само врз Ковид-19 вакцините.
Во најновата епизода на популарниот подкаст Citations Needed посветен на медиумска критика, водителите Нима Шерази и Адам Џонсон зборуваат за TRIPS законите и како скоро сите критики насочени спрема тие кои се залагаат за ослободувањето на патентите на вакцините доаѓаат од луѓе кои се финансирани од фондацијата на милијардерите Бил и Мелинда Гејц или имаат личен/монетарен интерес за постоењето на овие закони. Односно многу мал број на луѓе, како тие кои поседуваат акции во компании како Фајзер, би имале бенефит од задржувањето на овие закони за разлика од милионите луѓе кои би имале личен и колективен здравствен бенефит ако наеднаш голем број на компании низ светот би можеле да ги произведуваат овие вакцини.
Во интервју со Democracy Now!, Ахал Прабала, координаторот на проектот AccessIBSA кој се залага за пристап на Ковид-19 вакцините до Индија, Бразил и Јужна Африка, коментираше со голем ентузијазам за одлуката на САД да го поддржи отстапувањето од TRIPS законите, но напомена дека оваа одлука сепак е дојдена многу касно и дека заради ова задоцнување се изгубени илјадници животи.
„Предлогот [за TRIPS законите] е монументален затоа што она што го прави е тоа што овозможува да се произведат повеќе вакцини во светот. Целиот свет се соочува со тежок недостиг на Ковид-19 вакцини. Во субсахарска Африка, земјите имаат само толку малку за да вакцинираат 1% од својот народ. Во Индија, кој е најголемиот светски производител на вакцини, каде што живеам, вакциниравме 2% од оваа популација со сите потребни дози. Вакциниравме околу 10% од нашите луѓе со една доза. И, сега се соочуваме со акутен недостаток во оваа земја,“ вели Ахал Прабала кој работи во Индија, објаснувајќи дека само со поголема продукција на вакцини ќе може да се стави крај на пандемијата. Тој исто така коментираше околу митот дека вакцините може да бидат произведени само во „развиените земји“ – Фајзер дури и апсурдно коментираше дека aко се споделат патентите за вакцините ќе се појави ризик дека би можело да има „лажни вакцини“.
„Оваа идеја дека вакцините можат да се прават само на Запад и, во најдобар случај, кај неколку компании надвор од Западот е архаична, застарена е и едноставно е опасно да се шири во вакво време. Како и да е, тоа беше пропагирано и, мислам, сосема беше верувано од страна на дел од високо рангираниот персонал на Белата куќа, од администрацијата на Бајден,“ рече Прабала. „Тоа беше пренесено на светот, неодамна и од Бил Гејтс од Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, кој исто така рече дека укинувањето на бариерите за патенти или споделувањето технологија нема да направи никаква разлика во светот, бидејќи наводно секој што може да ги направи овие вакцини веќе го прави тоа. (…) Не само што ова не е вистина многу години, туку дефинитивно не е точно за време на пандемијата.“
Без разлика што светот доби одлични вести од администрацијата на Бајден, реакциите од страна на германската влада и претседателката на Европската Комисија, Урсула вон дер Лајен се доста поразителни.
„Јас воопшто не сум пријателка за [тие го поддржуваат] ослободувањето на патентите“, рече вон дер Лајен за New York Times минатиот месец. Ваквите ставови и политики од страна на ЕУ кои ќе ги штитат интересите на приватните фармацевтски компании ќе продолжат да чинат човечки животи низ целиот свет. Прашање е дали Европската Унија сака да биде запаметена како блок кој покажал историска солидарност во исклучиво тешки времиња или пак блок кој бил соучесник во смртта на илјадници луѓе кои ги загубиле своите животи само бидејќи немале пристап до вакцина.
Елена Гаговска