На 22ри мај, 2021 еруптираше вулканот Нирагонго во Демократска Република Конго (ДРК)* и уби десетици луѓе. Овој вулкан се наоѓа во Националниот парк Вирунга кој е во близина на Гома, главниот град на провинцијата Северен Киву, кој има население од околу 670 000 жители, но некои невладини организации сметаат дека градот всушност има околу 1 милион жители.
Во саботата владата на ДРК погрешно изјави дека се очекува уште една ерупција, но тоа за среќа се нема случено. Сепак, дури и без втора ерупција хуманитарната криза во државата е огромна.
Околу 400.000 луѓе се евакуирани од „Црвените зони“ во градот Гома и околните области, а во последните 24 часа се регистрирани 92 треперења и земјотреси како резултат на вулканската ерупција. Само четири од овие треперења и земјотреси биле почувствувани од луѓето во регионот додека останатите биле само регистрирани на сеизмичките инструменти.
Според УНИЦЕФ скоро 100 деца биле разделени од своите родители заради ерупцијата и моментално се сѐ уште исчезнати.
Ерупицијата на вулканот Нирагонго не се случува прв пат. Вулканот последно еруптираше пред 14 години кога ерупцијата исто така нанесе големи штети на населението во регионот. Во 2002 година биле убиени 147 луѓе и 400.000 луѓе биле принудени да го напуштат градот Гома. Тогаш ерупцијата ефективно го подели градот Гома на два дела, уништувајќи една третина од градот. Лавата покри околу 80 проценти од воздушните ленти на меѓународниот аеродром во Гома, што ја направи евакуицијата на луѓе речиси невозможна, како и добивањето на помош од надвор за преживеаните.
„Би сакал да дадам извесен публицитет за огромната криза што се занемарува во Демократска Република Конго. Тука има 20 милиони луѓе на кои им е потребна хуманитарна помош. Тоа е најголемата запоставена вонредна состојба во светот,“ рече Јан Егеланд, генералниот секретар на Норвешкиот совет за бегалци, во интервју со Democracy Now!
Егеланд исто така потенцираше дека дури и пред ерупцијата на вулканот Нирагонго во Демократската Република Конго имало веќе постоечка хуманитана криза која била предизвикана според него од „војната, мизеријата, гладот и целиот грабеж на ДРК од страна на силниот капитал, од целиот свет, кои сакаат да ги имаат минералите што се наоѓаат во земјата под тука.“
Демократската Република Конго има голем број на природни ресурси и минерали како бакар, цинк и кобалт (клучен минерал за производство на компјутери и слична технологија) кои ретко носат бенефит за локалната популација. Според извештај на Global Witness, се смета дека одредени меѓународни компании кои купуваат минерали од ДРК исто така финансираат вооружени групи и разгоруваат конфликти во земјата.
„ДРК е земја која има најголемо богатство со минерали во светот, а луѓето таму живеат со еден и пол долари на ден. Кога ќе го снема тој еден и пол долар, бидејќи [за време на пандемијата] целата економија се парализираше поради локдауните и заради тоа се стопираше голем дел од меѓународната трговија и размена, луѓето тука гладуваат. Значи, тука, пандемијата предизвикува масовно гладување на 27 милиони луѓе,“ потенцираше Јан Егеланд.
*Демократската Република Конго порано се викаше Заир и не треба да се измеша со Републиката Конго, која е посебна држава.
Елена Гаговска