Во Струга нема дивоградби, опстојуваше на својот став градоначалникот Рамиз Мерко во вечерашното гостување на Топ Тема. Мерко не отстапува од тврдењето и покрај констатациите во ревизорскиот извештај, на кој што тој не поднел забелешки.
–Треба да знаете, а сигурно тоа го има и во ревизорскиот извештај, дека на 3. март 2011 година се донесе Закон за бесправно изградените објекти и дека секој има право да поднесе барање за легализација. Дали ќе го прифати Советот на општината или не, тоа е сосема друга работа. Тие што се одбиени не значи дека треба да се рушат, туку ја немаат доставено целата документација бидејќи многумина се во странство кои немаа можност да се пријават. Има многу кои се надвор од земјата и кои немаат доставено елаборати, бидејќи не се тука, а ние сме ги барале во континуитет. Елаборатите се поднесуваа до пред една година, вели Мерко.
Градоначалникот на Струга не се согласува дека таквиот третман на овие поединци претставува неправда за останатите граѓани, кои за разлика од нив платиле комуналии и плаќаат данок на имот. Мерко тврди дека неговата општина има 90 проценти наплата на данокот на имот.