Македонија за првпат ќе доделува награда за човекови права. Иницијативата која датира веќе четири години доби зелено светло и во Собранието, па така кон крајот на годината државата ќе започне да ги наградува најзаслужните за унапредувањето на човековите права. Именувано по писателот и прв претседател на Хелсиншкиот комитет во земјава, Мето Јовановски, признанието ќе биде врачено и на симболичен датум – Меѓународниот ден на човековите права, односно 10 декември.
-Ние сметавме дека со воспоставување на една ваква награда сите оние борци, граѓански активисти и членови на организации ќе добијат одредена морална сатисфакција за она што го прават. Меѓутоа и со своето дело ќе ги мотивираат и сите други граѓани да се заложуваат за човековите права во нашата земја. Сметавме дека е добро наградата да го носи името на основоположникот на Хелсиншкиот комитет за човекови права, а тоа е Мето Јовановски, којшто на некој начин ја започна новата ера во поимањето на човековите права, но и акциите и активностите за унапредување на човековите права кај нас, вели извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска.
Таа информира дека освен иницијативата што пред неколку години ја поднеле до Министерството за култура, тие доставиле и предлог-листа на членови на најразлични организации кои се бават со областа на човековите права, со цел Одборот што ќе ја доделува наградата да ги има предвид сите профили на личности и организации.
-Нема никакви лимитирања. Наградените можат да бидат и членови на организации, граѓански активисти, а можат да бидат и обични граѓани, кои со некоја своја акција придонеле за унапредувањето на човековите права во нашата земја, додава Пировска.
Според неа е важно што повеќе да се говори за човекови права и сето она што придонесува човековите права да бидат на повисоко ниво, бидејќи така ќе се поттикне свеста на граѓаните за нивните права.
-Многу често се соочуваме со граѓани кои на некој начин пропуштиле да го остварат своето право поради своето незнаење дека тоа право го имаат или поради незнаењето до која институција да се обратат, укажува Уранија Пировска.
Инаку постапката за пријавувањето се уште не е утврдена, но се очекува до септември да се допрецизираат деталите. Владата уште во 2018 година ја усвои информацијата за воведување нова државна награда, која ќе го носи името на Мето Јовановски (1928-2016).
Јовановски беше истакнат активист за човекови права. Тој беше и претседател на Македонскиот ПЕН центар, припадник на повоената генерација македонски писатели кои меѓу првите пишуваа на македонски јазик и го создаваа и ширеа македонскиот јазик.
Во кариерата долга шест децении, творештвото на Мето Јовановски брои над 30 книжевни дела.
Објавуваше збирки песни, раскази, романи, песни за деца, а од нив, особено расказите, се објавувани на повеќе светски јазици, а Јовановски преведуваше од англиски и руски јазик. Автор е на расказите и негови најпознати дела преведувани на повеќе светски јазици: „Јадреш“, 1957, „Мени на мојата месечина“, 1959, „Првите човекови умирања“, 1971, „Патот до осамата“, 1978, „Крстопат кон спокојот“, 1987, „Љубовта на Грифонот“, 2005.
Ги напиша романите „Хајка на пеперутки“, 1957 „Слана во цутот на бадемите“, 1965, „Земја и тегоба“, 1968„Сведоци“, 1970„Будалетинки“, 1973, „Орловата долина“, 1979, „Крлежи“, 1984 и „Балканска книга на умрените или Ослободување преку зборување“, 1992.
Автор е и на две книги за деца „Љуман арамијата“ од 1954 и „Војвода над војводите“ од 1980.