„На 19 дена пред почеток на учебната година министерката Мила Царовска, сѐ уште размислува за „сценарио“ односно за моделот за изведување на наставата од можни 3 одобрени на Влада. Едно од нив е учениците да посетуваат физички настава, а дел да следат настав онлајн. Тоа е истиот модел, истото како и минатата година кој заврши успешно со тоа што наставата се одвивала по распоред“, обвинува претседателката на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска.
Јаневска додава дека на 19 дена пред почеток на учебната година во јавноста не е прикажан ниту еден нов учебник за прво и четврто одделение според новата Концепција за реформи во основното образование, односно дека јавноста не видела како би изгледал во форма на печатен учебник, односно фотокопија, ниту, како што вели, барем еден изготвен дигитален учебник.
-За дигитални учебници воопшто не станува збор. Бидејќи платформа за подршка на дигиталните учебници нема, новата иновација на министерката е дека наставниците ќе ги спуштат дигиталните учебници, кои ги нема, на уредите на учениците и ќе ги обучат и учениците и родителите за користење на дигитални учебници, кои на 19 дена пред почеток на учебната година ги нема. Електронски уреди за следење на наставата исто така нема, ниту за учениците од прво и четврто одделение, ниту за останатите од ранливите групи кои минатата година останаа без уреди, изјави Јаневска.
Според неа сето ова јавува оправдан сомнеж дека е можно да се оствари едно единствено сценарио, а тоа е учебната година повторно, како и лани да почне со еден месец задоцнување.
-Или, можеби ќе почне по секоја цена, без учебници, без дигитални уреди, без подготвени наставници, само колку да почне без оглед на реалната состојба, заклучи Јаневска.