Бројот на мигранти кои илегално влегуваат во Европската Унија (ЕУ) преку Западен Балкан годинава нагло се зголеми, соопшти денеска „Фронтекс“, додавајќи дека мнозинството се лица од Сирија и од Авганистан.
Од јануари до јули, „Фронтекс“ регистрира 22.600 мигранти кои илегално влегле во ЕУ преку Западен Балкан, што претставува зголемување од дури 90 проценти во однос на истиот период лани. Нивниот број во јули беше за 67 проценти поголем отколку во истиот месец во 2020 година, се додава во соопштението на „Фронтекс“.
Мигрантите, исто така, илегално влегуваат во ЕУ преку Белорусија, од каде се упатуваат кон Полска и балтичките држави. Од јануари до јули оваа година околу 3.700 мигранти илегално влегле во Литванија, предупредува „Фронтекс“.
Повеќе од 82.000 мигранти вкупно, досега илегално влегле во ЕУ оваа година, што е за 59 проценти повеќе отколку во истиот период во минатата година.