Имаме околу 30.000 луѓе во општинските избирачки одбори, а новите членови мора добро да се обучат за спроведување на изборите. Беше предложено да направиме список кои членови се вакцинирани, за да може да се обучуваат и по 800 лица дневно, на секој час да се менува друга група на обука. А невакцинираните да бидат во многу помали групи – најмногу до 29 лица – вели Даштевски.
Првите луѓе на Државниот завод за статистика и на Државната изборна комисија, Апостол Симоски и Александар Даштевски, денеска се сретнаа со министерот за здравство, Венко Филипче, и со членовите на Комисијата за заразни болести при што разговарале за протоколите за одржување на Пописот 2021 и за Локалните избори планирани за 17 октомври.
Здравствениот протокол за одржување на најавениот Попис 2021 на населението, планиран да се спроведе од 5 до 30 септември, ќе биде на дневен ред на утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести. А на состанокот ќе се дискутира и за претстојните локални избори. Во прв план е обуката на членовите на новите избирачки тела, па на денешниот состанок паднал предлог лицата кои се вакцинирани да можат заедно да се обучуваат и тоа на ден да има најмногу до 800, а невакцинираните да се обучуваат во помали групи – најмногу до 29 лица.
– Наше барање е и овој протокол да биде ригорозен, за сите учесници во пописот да бидат максимално заштитени, а поригорозен протокол од претходниот мислам дека нема – тогаш кога беше изготвен дневно имавме и по 1500 – 2.000 случаи на ковид-19. На утрешниот состанок Комисијата за заразни болести ќе го разгледува протоколот за пописот, а денеска заедно го прелиставме претходниот протокол, и би сакале тој да биде предложен – вели за НОВА ТВ Апостол Симоски, директор на Државниот завод за статистика.
Една третина се вакцинирани, друга третина имаат желба, останатите не сакаат!
Во врска со тоа колку вакцинирани потенцијални попишувачи и инструктори се јавиле на огласот, кој уште ќе трае, Симоски појаснува:
– Не смееме да бараме потврда за вакцинација, согласно законот, но имаме информација кој од пријавените кандидати е вакциниран, а секако и ќе организираме вакцинација на попишувачите, и тоа го разговаравме на денешниот состанок. Се чуваат вакцини во резерва за сите кои ќе пројават интерес, а со оглед на ситуацијата со ширењето на вирусот, очекуваме да има повеќе заинтересирани за вакцина. Инаку, од досега пријавените лица за попишувачи една третина се вакцинирани, друга третина имаат желба, а останатите засега не сакаат да се имунизираат. Но верувам дека со менување на епидемиолошката состојба оваа ситуација ќе се смени и дека ќе има поголем одзив и од овие кандидати да се заштитат – вели Симоски.
Тој најави уште еднаш пролонгирање на огласот за пријава на кандидатите за попишувачи, чиј рок истекува утре.
– До утре беше рокот за попишувачи и инструктори ама решивме да го пролонгираме . Се пријавуваат повеќе кандидати откако излеговме во јавност, тао е добро бидејќи ќе можеме и подобра селекција потоа да направиме, додава директорот на Државниот завод за статистика, по денешната средба со министерот Филипче и со членовите на Комисијата за заразни болести.
Вакцинираните ќе се обучуваат во поголеми, а другите во групи до 29
Александар Даштевски, претседател на ДИК, вели дека со министерот Филипче денеска разговарале за тоа како, во услови на пандемија, најбрзо што може да се спроведе обуката на членовите на новите избирачки тела и каков ќе биде протоколот за претстојните Локални избори закажани на 17 октомври.
– Имаме околу 30.000 луѓе во општинските избирачки одбори, а новите членови на општинските изборни комисии и одбори мора добро да се обучат за спроведување на изборите. Беше предложено да направиме список кои членови се вакцинирани, за да може да се обучуваат и по 800 лица дневно, на секој час да се менува друга група на обука. А невакцинираните да бидат во многу помали групи – најмногу до 29 лица. Еве за една недела почнува обуката, па тоа ни беше приоритетно да се договориме, за да може да стасаме – вели Даштевски.
Тој на средбата со министерот Филипче го истакнал и второто барање.
– Важно е од Министерството за здравство да ни обезбедат за денот на изборите доволно заштитни маски и алкохол за дезинфекција, како и на претходните избори. Побаравме да ни бидат доставени нешто повеќе од 30.000 маски, како заштитна опрема за членовите на избирачките комисии, а останува на сите коишто сакаат, а се уште не се, да се вакцинираат зашто можеби ќе бидат изложени на вирусот. А за тоа дали изборите ќе се спроведат, зависно од состојбата, секако решава Владата.
Љубица Балабан