Владата најави дека денеска би требало да продолжи печатењето и издавањето на личните карти на граѓаните согласно нивните барања.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како што информираа од Владата, на вчерашната седница информирал дека подзаконскиот пропис во врска со издавањето на обрасци на новите лични карти ќе биде објавен во „Службен весник“ со што веднаш ќе се овозможи да започне печатењето и издавањето на личните карти на граѓаните согласно нивните поднесени барања.
Стотата владина седница била со единствена точка на дневен ред на која била разгледана Информација за надминување на актуелната состојба во врска со издавање на обрасците на новите лични карти.
Владата на седницата го задолжила министерот да ги преземе сите потребни активности за донесување на подзаконски пропис, согласно овластувањето од Законот за лични карти и да го усогласи со одредбите од Законот за употреба на јазиците со што се овозможува непречено издавање на обрасците за барање за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање лична карта, образецот за личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта, како и за начинот за водење на евиденцијата за издадени лични карти.
Според изјавите на премиерот и други владини функционери, околу 40.000 граѓани биле со истечени лични карти или аплицирале за првпат за нив.