Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска изврши увид во реконструираниот објект на СВР Куманово кој е изграден 1929 година. Во објектот заменети се дотраените дрвени со нови ПВЦ прозорци, влезните портали со нови алуминиумски врати, изведена е термоизолациона фасада низ целиот објект, поставено е ново и извршена е санација на постојното парно греење низ објектот, поставени се нови влезно-излезни рампи, рефлектори за надворешно осветлување, видеонадзор на целиот објект, пристапни рампи за лица со инвалидитет.
Спасовски информираше дека проектот за гасификација на СВР Куманово е доставен до општина Куманово и по добивањето на соодветното одобрение, објектот ќе се затоплува на гас, со што ќе обезбеди заштитата на животната средина. Ова е 60-ти објект кој МВР го реконструира со средства обезбедени од буџетот.
– Денеска, од моето Куманово со особено задоволство сакам да ве информирам дека реновирањето на објектот во кој е сместен Секторот за внатрешни работи Куманово е успешно завршено. Со гордост можам да кажам дека ова е 60 објект на МВР кој како раководство го реновиравме и на тој начин обезбедуваме подобри услови за работа на полициските службеници и за подобра услуга на граѓаните. Реновирањето на објектот којшто е изграден во 1929 година беше изведено во пет фази, а започна во делот каде сега се сместени вработените во ОКРА, потоа беше извршено целосно реновирање на полициската станица Куманово, санација на просториите за приведување и задржување на лица како и изведба на нова пристапна рампа за лица со инвалидитет, а реновиран беше и делот каде што се сместени БПС Куманово и Крим-полиција, појасни министерот.
За овој и за сите реконструкции на објектите, Спасовски рече дека се одвоени средства од буџетот на МВР во рамки на програмските активности за севкупно подобрување на условите и материјално-техничките капацитети на полицијата, што како активност е почната во 2017 година.
Тој нагласи дека реконструкцијата на објектот се спровела домаќински и економично, се користеле материјали за енергетска ефикасност и заштеда.
Од ноември 2020 до денеска, реконструирани се единаесет објекти во Кавадарци, Крива Паланка, Гевгелија, Ростуше, војнички клуб Илинден, Ресен, Дојран, Старо Нагоричане, Ранковце, Чашка. Спасовски најави дека МВР продолжува со реконструкција на објектите во ПС Карпош, ОВР Крушево, ОВР Прилеп, ОВР Радовиш, Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Штип, ОВР Пробиштип, полициско одделение Македонска Каменица, полициско одделение Кривогаштани, ОВР Делчево, ОВР Берово.
На овој начин, според Спасовски, се обезбедуваат подобри услови за вработените и е во интерес на граѓаните. Тој рече дека овој 60-ти објект се промовира денеска во пресрет на 30-годишнината од назавиноста на државата.