Новата техничка влада на Бугарија која денеска е претставена од страна на претседателот Румен Радев, не носи поголеми изненадувања, зашто на клучните позиции остануваат персоналните решенија од претходната техничка влада. Преоден премиер останува Стефан Јанев. Остануваат и министрите за надворешни работи Светлан Стоев, министрите за внатрешни работи Бојко Рашков, министрите за одбрана Георги Панајотов, кои ги задржуваат своите места. Промени има на три позиции.
Од досегашната преодна влада си одат двајцата министри кои уживаа поприлична популарност а тоа се министрите за економија и за финансии – Кирил Петков и Асен Василев. Дел од јавните информации не ја исклучуваат можноста оваа министерска двојка да формира своја партија, која ќе учествува на изборите на 14 ноември.
На местото на Петков како министер за економија доаѓа Даниела Везиева. А нов министер за финансии ќе биде Валери Белчев.
Нов министер за транспорт е Георги Тодоров.
Бугарските граѓани на 14 ноември ќе гласаат на втори предвремени и трети парламентарни избори за годинава, како и за редовните претседателски избори, на кои учество во трката најави актуелниот претседател Румен Радев.